Пендаровски го потврди пописот во април – по 19 години конечно ќе се преброиме

8

Откако завршиле консултациите со правите експерти, шефот на државата Стево Пендаровски стави попис на Законот за попис.

„Претседателот Пендаровски очекува процесот на спроведување на пописот да не се политизира, а добиените податоци да бидат од корист за севкупниот развој, со што ќе се овозможи формулирање на долгорочни стратегии во виталните области во државата“, велат од Кабинетот на Претседателот.

По донесувањето на законот во Собранието, ова беше последен филтер, со што се потврдува дека по 19 години, во месец април конечно ќе се преброиме.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека најголемата статистика операција е политички договор. Велат дека се за попис, но електронски.

„Власта донесе закон за попис кој што создаде недоверба во општеството и ги распали политичките желби и наддавања. Се погласни се реакциите во општеството дека пописната операција ќе биде израз на политички договор наместо на статистичка спроведена операција“, истакна Иванка Василевска.

СДСМ испрати реакција на најавата на ВМРО-ДПМНЕ за собирање на потписи за нов законски предлог со кој ќе се бара поништување на законот за попис на населението.

„Деструктивното однесување на ВМРО-ДПМНЕ околу собирањето на потписи и повикувањето на граѓаните да го бојкотираат пописот е крајно антидржавно однесување. ВМРО-ДПМНЕ ги манипулира граѓаните и ги поттикнува на непочитување на законите, иако знае дека за лицата кои не сакаат да се попишат следуваат казни“, додаваат од СДСМ.

Пратеникот Меџити од ДУИ вели дека станува збор за статистичка операција и дека Албанците сигурно ќе бидат над 25%.

„Според сите индикатори албанците ќе бидат над 25%, значи и по број на ученици и по наталитет и по многу фактори. Сите тие индикатори говорат дека албанците се сигурно повеќе од тоа што биле на претходниот попис, така што нема потреба од такви дилеми“, посочи Изет Меџити.

Според претходно изгласаниот закон, пописот на населението ќе се спроведе од 1-ви до 21 април оваа година.

Инаку Северна Македонија и Унгарија се единствени европски земји кои 10 години се без попис. Последниот попис на населението е спроведен во 2002 година, по воениот конфликт. Планови за спроведување имаше пред девет години од тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, но тогаш се појавија низа несогласувања за начинот како тој треба да се изведе, имаше и оставки во Државната пописна комисија, по што обидот пропадна. За тоа, подоцна, СЈО отвори и истрага против Никола Груевски и Али Ахмети, но по нешто помалку од три години водење истражна постапка, од обвинителството соопштија дека истрагата пропаднала бидејќи против двајцата лидери немало доволно докази.