Пендаровски: Да имавме усогласени ставови со Мицкоски ќе напишевме заедничко соопштение

5

Да имавме усогласени ставови по средбата ќе излезевме со заедничко соопштение, а не со одвоени изјави, вели денеска претседателот Стево Пендаровски одговорајќи на новинарско прашање во врска со изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој викендов рече дека на средбата во петокот претседателот едно зборувал внатре, друго во изјавата пред медиумите. Нивните изјави се однесуваат на ставовите кои ги имаат за настаните од 27 април 2017 година кога група насилно влезе во Собранието.

„Јас имав соопштение во кое ја коментирам и неговата изјава во која ме нарекува дволичен. Во дипломатијата, а и секаде ако усогласите мислење пишувате заедничко соопштение. Ние сепак имавме одвоени изјави. Моите ставови за тоа прашање (27 април н.з.) не зависат од средбата со Мицкоски, рече денеска Пендаровски по средбата со претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили која е во официјална посета на Македонија.

На дополнително прашање за тоа дали со коментирањето на судската одлука се меша во независните судски одлуки и дали ќе бара повторно отворање и на други процеси како што е тој за настаните во Куманово, Пендаровски вели дека само цитирал член од Кривичниот законик кој дозволува некој судски процес да биде повторно вратен на одлучување.

„Немам политички став за судски процес кој е во тек. Процесот е затворен и кога зборував цитирав член од Кривичниот закон. Процесот кој го споменувате имено беше преотворен. Мешање е ако кажувате како треба да се суди. Ако има нови докази таква процедура се прави Не е мешање ако цитирате член од законот, рече Пендаровски.

Мицкоски викендов рече дека е очигледен притисокот којшто се врши врз претседателот.

„Јас го разбирам, не можам да го оправдам, бидејќи тоа во суштина се нарекува дволичност. Едно лице да имате на средбата едно да имате надвор пред камерите, но во ред, битно е дека дури и вака притиснат, Пендаровски излезе надвор со став дека сепак, ако имаме нови докази, треба овој случај, како и многу други, да започнат од почеток – рече Мицкоски.