Пендаровски: Засега нема потреба од вонредна состојба

12

Советот за безбедност вечерва заклучи дека поставеноста на државата е соодветна, и адекватна на ризиците на кои е изложена од пандемијата на коронавирусот. Шефот на државата Стево Пендаровски по состанокот информираше дека засега нема потреба да се продлабочува или проширува кризната состојба која е прогласена во две општини поради Ковид-19.

„Не е потребно да избрзуваме со голо декларирање на некои состојби како вонредна или кризна состојба на цела територија, затоа што и според надлежниот министер за здравство тоа не е потребно во моментов“, рече Пендаровски.

Тој образложи дека за прогласување на вонредна состојба засега нема потреба, и второ, дека мора да се води сметка и за ограничените ресурси на државата, со оглед на проценката дека „кризата ќе трае“.

Пендаровски направи споредба и со состојбата во соседните држави во кои е веќе прогласена вонредна состојба и вели дека Северна Македонија во тој поглед прави дури и многу повеќе.

„Сосема е небитно како ќе ја наречеме состојбата. Ние ги надминуваме мерките кои се преземаат во околните држави кои веќе прогласија вонредна состојба.

Доколку се јави потреба, Владата може да го ограничи движењето на граѓаните и без прогласување вонредна состојба“, изјави Пендаровски.

Утре Пендаровски ќе им биде домаќин на политичките лидери на состанок на кој треба да се расправа за одложување на изборите на 12 април. Шефот на државата смета дека нема никакви пречки да се одложат изборите, а потсетува и дека мисијата на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР веќе најави заминување од земјата.

Претседателот апелираше до сите граѓани да не патуваат надвор од земјата и да ги почитуваат препораките на надлежните. Но тој им порача и на македонските државјани кои живеат во странство, во овој период, да избегнат враќање во татковината.