Пендаровски за Нова Година побара да се промени Уставот

6

 

Претседателот Стево пендаровски во своето предновогодишно обраќање во Собранието порача дека е потребна кристално јасна и чиста правна и политичка процедура за промена на Уставот. На опозициските пратеници им порача да не чекаат прво да дојдат на власт па да гласаат за уставните измени.

–  Прво, дека самата содржина на конкретниот предлог, впишувањето на Бугарите и делови од други народи  во Уставот, на ниту еден начин не го руши македонскиот идентитет, и второ, тие што се денес против, ако навистина веруваат дека ЕУ е нашата стратешка цел, нашата стратешка константа од 1991-та до денес и ако се денес против, како ќе гласаат за оваа уставна промена кога ќе бидат на власт, изјави Пендаровски.

Пендаровски им порача на народните претставници тоа да го напарават консензуално ккао во случајот со гласањето на резолуцијата за македонските црвени линии во однос на спорот со Бугарија минатата година.

–  Инаку, за помладите кои не ги паметат 1990-тите, наспроти општата перцепција, Македонците и македонските граѓани знаеле да се обединат и заеднички да работат во интерес на државата, независно кој бил на власт: за референдумот за независност во 1991-та бил формиран и функционирал заеднички штаб на власта и опозицијата, одлуката за аплицирање за членство во НАТО од декември 1993 е донесена со поддршка на власта и опозицијата, амандманите кои произлегоа од Рамковниот договор се усвоени со двотретинско мнозинство, а Резолуцијата за државните позиции во однос на Бугарија минатата година беше поддржана од 95 пратеници, рече Пендаровски.

Тој ја истакна својата загриженост за нефункционалноста на институциите во земјата.  Кога довербата во институциите е на ниско ниво, според шефот на државата,демократијата е во сериозна опасност. Во таков амбиент, додаде тој, популизмот и авторитарните тенденции кои се во подем, полесно ја реализираат својата цел бидејќи демократијата не покажува доволно ниво на резистентност.

– Кога клиентелизмот и партиската лојалност се критериум за вработување и напредување во кариерата, не треба да изненадува слабоста на институциите. Политичките и физичките блокади кои ги гледаме во главниот град во изминативе месеци, сигурно нема да бидат последни, рече Пендаровски.

Се наоѓаме на критична точка бидејќи поддршката за ЕУ меѓу граѓаните опаѓа, рече во своето новогодишно обраќање претседателот. Како што кажа тој, пред нас е последната шанса да ја сочуваме мнозинската поддршка.

– За одржување на кредибилитетот на интегративниот процес Европа не смее да дозволи Западниот Балкан да го држи во фокусот само кога има војни или мигрантски кризи. Поддршката за Унијата меѓу граѓаните драматично опаѓа. Се наоѓаме на критична точка и ова е последната шанса да ја сочуваме мнозинската поддршка, додаде Пендаровски.