Пендаровски: Кој и да победи на изборите, шансите за промена на Договорот од Преспа се еднакви на нула

11

Мојот впечаток од оваа позиција е дека техничката влада почна на многу лош начин да функционира. Техничката влада од првиот момент, не навлегувајќи чија е вината повеќе или помалку, не настапи како тим, оценува претседателот Стево Пендаровски. Во интервју за МКД.мк тој вели дека актуелната политичка структура најмалку испорача или најмногу потфрли во сферата на правосудството и го пренсува ставот на комесарот за проширување Вархеји дека законот за Јавно обвинителство не е поставен како формален услов на ЕУ, но „во некои европски градови поставуваат прашања од типот нели би било добро и тој закон да се донесе“. Што се однесува до односите со соседите, најзагрижен е од Декларацијата на бугарската Влада. „Таа декларација е со прилично негативна реторика и на неколку места, по мое убедување, директно го поткопува Договорот за добрососедство“, вели Пендаровски.

Се сретнавте со комесарот за проширување Оливер Вархеји. Сите ги слушнавме неговите пораки дека ЕУ не се откажува од проширувањето и дека тој очекува одлука за преговори да се донесе пред Самитот во Загреб. Ве убеди ли Вас во ова, каков е Вашиот впечаток, слушнавте ли нешто повеќе од тоа?

Новиот комесар ме импресионираше со познавањето на процесот што има многу технички детали, со оглед дека е кратко време на таа позиција, и со плановите за во иднина. Неговата агенда е исклучително амбициозна во оваа смисла. Речиси е убеден дека методологијата ќе биде усвоена најдоцна до март, вклучително со сите амандмани што земјите членки во меѓувреме ги даваат. И е прилично сигурен дека одлуката може да биде донесена пред Самитот во Загреб на 6 мај.

Во таа смисла рече дека има добиено и повратни сигнали од некои битни европски градови, односно држави, кои досега искажуваа резерви за проширувањето во однос на овој круг, во кој сме ние и Албанија. Наводно тоа што тој го презентирал како задачи што двете држави треба да ги испорачаат во наредниве месец до два за нив ќе биде доволно за да можат да донесат позитивна политичка одлука врз основа на новата методологија пред мајскиот самит.

Прилично сигурен врз основа на тие сигнали? Доволни се тие сигнали?

Да. Ние во овој момент можеме да се базираме на тоа што го кажува Вархеји, на кого тоа му е работа и кој ги има контактите во тој контекст со засегнатите страни.

Илузија е некој да мисли дека ние можеме од Скопје да диктираме кога ќе биде донесена одлуката и каква ќе биде. Ние чекаме одлуката да ја донесат земјите членки и се знае меѓу нив кои ги диктираат тие процеси и трендови. Комесарот за проширување има контакт со тие неколку држави и вели почетни, повратни сигнали добив, позитивни се и, се разбира, понатаму треба да се испорача. За нас станува збор за Законот за Јавно обвинителство, а во однос на Албанија за сет изборни закони за кои е потребен консензус меѓу власта и опозицијата.

Целото интервју прочитајте го на МКД.мк.