Пендаровски му го даде мандатот на Заев да формира влада

29

Претседателот Стево Пендаровски, и покрај пораките дека треба да чека да се конституира Собранието, му го даде денес мандатот да формира влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Обидот вчера да се опструира на некој начин оваа одлука така што ќе се свика седница и паралелно можеби ќе се „презема“ власта, од нејасни причини пропадна.

Пред да ја соопшти одлуката на Заев, Пендаровски го прочита членот од Уставот кој го овластува да му даде шанса да формира влада на победникот на изборите, коалицијата Можеме.

-Чест и одговорност ми е, согласно Уставот, како предводник на коалицијата Можеме, која освои најмногу места во парламентот да го добијам мандатот за составување нова европска и демократска влада. Од овој момент во рок од 20 дена имаме задача да составиме програма и стабилна влада која е подготвена да работи и да служи на сите граѓани подеднакво, ослободена од било какви етнички и други предрасуди, рече Заев.

Тој рече дека ќе предложи квалитетни, отчетни и одговорни кадри кои силно ќе се борат против корупцијата.Новата влада во најголема мерка, според него, ќе биде посветена на новата економија и која ќе го следи јасниот правец за кој е определено мнозинството граѓани. Црвена линија според него треба да бидат интересите на граѓаните околу идната влада.

-Очекувам за најмногу 20 дена, а лично очекувам, и порано, Македонија да добие влада која од прв ден ќе работи на обезбедување повеќе пари, повеќе услови и подобар живот на сите граѓани, порача тој.

На прашањето дали има обезбедено мнозинство,Заев посочи на уставната одредба според која ма рок од 20 дена да го направи тоа.

Заев за денес најави нова средба со Ахмети, посочувајќи дека имаат успех околу некои прашања, но има и други доста сериозни кои се нерешени.

-Опции постојат, нашата земја треба да има влада час поскоро за да се зафати со сите домашни и меѓународни предизвици, рече Заев.