Пендаровски: Несериозно e во 2020 година, политичарите свечено да потпишат дека се Македонци кои зборуваат македонски јазик

25

Минута молчење за 2 илјади 169 лица кои ја изгубија битката со ковидот. Вака почна редовното годишно обраќање на претседателот Стево Пендаровски пред пратениците. Опозициските пратеници им оддадоа почит на жртвите од вирусот со транспаренти во рацете. Изразија мислење дека Пендаровски има идентични ставови со СДСМ и ја напуштија салата.

На сите присутни и отсутни од салата, претседателот им порача: прашањето за нашиот идентитет треба да се тргне од дневно-политичката агенда. Според него, сите партии имаат ист став дека со тоа не треба да се тргува, но се разликуваат според методологијата како да се стигне до целта. Пендаровски јасно кажа дека повеќе не треба да се свикуваат лидерски средби.

Според Пендаровски, пандемијата изврши огромен притисок врз здравствениот систем, но, генерално земено, државата ја менаџираше состојбата и успеа да избегне колапс. Побара поголема доверба во институциите.

Пендаровски најави дека на почетокот на наредната година ќе отвори јавна дебата за креирање закони за вонредна и воена состојба, како и за подобро менаџирање со кризна состојба. Не ни треба дијалог за историски прашања туку консензус за дигитализација на општеството, за обновливи извори на енергија, современ агросектор и друго. Но, прво да го сочуваме здравјето, порача Пендаровски во годишното обраќање.