Пендаровски: Ниеден политичар нема зад решетки, само сиромашните одговараат за багателни дела

22

Клучните демократски индикатори покажуваат дека има напредок во правосудството, но генералната перцепција на граѓаните е дека напредокот не е доволен, по три ипол години од револуцијата каде главен слоган беше „нема правда, нема мир“, малкумина се убедени дека правдата пристиган, рече претседателот Стево Пендаровски во првото новогодишно обраќање пред пратениците од Собранието.

Во својот говор тој порача дека во три децении независна држава, ниту еден политичар не заврши зад решетки и го спомена бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, како креатор на минатиот режим. „Ниту една институција не кажа како избега Груевски“, порача претседателот. Тој го спомена и случајот „Рекет“ како врв во правосудните процеси.

– Еден факт не зборува добро за отпорноста на нашиот правосуден систем од надворешни влијанија – безмалку три децении сме независна држава, а, ниту еден висок политичар или преку ноќ збогатен бизнисмен нема завршено зад решетки, а таму требаше да завршат многу повеќе од еден. Општа е перцепцијата кај граѓаните дека само сиромашните, и луѓето на маргини, без релација со некоја власт, одговараат дури и за багателни кривични дела. Затоа и не треба да нè чуди што голем дел од младите луѓе ги воспитуваат т.н. реални шоуа, а нивните идоли не се чесните луѓе ‒ домаќини, со образ и личен интегритет, туку типови од криминалниот полусвет, порача Пендаровски.

Со право перцепцијата на граѓаните е дека само сиромашните и луѓето на маргините одговараат за багателни кривични дела, порача Пендаровски.

На следната власт веднаш по изборите им порача дека првата работа што треба да ја направат е да спроведат прочистување не само меѓу судиите и јавните обвинители, туку и меѓу политичарите.

Според него, Законот за јазици сигурно нема потенцијал да ја дестабилизира земјата, меѓутоа, ако велиме дека законите ги носиме заради граѓаните, чесно е да ги направиме сите неопходни корекции за тие навистина да заживеат.

Рече дека многу коментираниот Закон за јазици, особено, по мислењето на Венецијанската комисија кое, за жал, според нашите стари, лоши навики го прочитавме исклучиво преку политичка и етничка диоптрија.

– Венецијанската комисија не вели дека Законот е спротивен на нашиот Устав, бидејќи за тоа воопшто не е надлежна. Исто така, комисијата не вели дека на Албанците им се дадени премногу права, напротив, нè истакнува како пример на држава која оди и подалеку од, инаку, високите европски стандарди во оваа област. Меѓутоа, врвните европски правници со право забележуваат дека нашата држава, во овој момент, не поседува капацитет и ресурси да ги имплементира тие стандарди во судските и управните постапки. Со други зборови, какво фајде од Законот ако неговите одредби останат само на хартија, истакна Пендаровски.