Пендаровски се сретна со претставници на иницијативата „Стоп за извршителите“

6

Скопје, 8 октомври – Претседателот Стево Пендаровски денеска се сретнал со претставници на иницијативата „Стоп за извршителите“ кои го запознале со нивните предлози за разрешување на ситуацијата во која се наоѓаат поради заостанатите долгови.

Од Кабинетот на претседателот информираа дека Пендаровски изразил поддршка на нивното основно барање да се изнајде решение за оваа категорија на граѓани во најскоро време и оти се заложил дека ќе побара од надлежните институции што поскоро да ги разгледаат нивните барања.

Претставниците на иницијативата детално ги образложиле ситуацијата во која се наоѓаат и предлозите за разрешување во насока на времен мораториум на извршувањето на долговите кон физички лица, ревизија на работата на извршителите, почитување на постапката на застареност на долговите согласно законот за облигациони односи и постоење на lex specialis, т.е. закон за бришење на долгови.