Пендаровски ќе го додели мандатот за новата влада наредната недела

0

Течат законските рокови за формирање на новата влада. Најдоцна до идната среда , шефот на државата Стево Пендаровски ќе го додели мандатот на идниот мандатар кој ќе треба да го формира новиот владин кабинет. Откако стигнало известувањето од Собрание дека владата е во оставка , Пендаровски вели дека недостасува уште еден допис од партијата која има мнозинство за да може да го даде мандатот.

„ Откако јас го добивам известувањето почнуваат да течат тие десет дена во кои сум должен да го дадам мандатот. Од денес попладне почна да тече тој рок. Ми треба уште еден допис, кому да го дадам мандат. Не можам да нагаѓам, морам да добијам допис од партија или партии кои треба да кажат ние имаме мнозинство и тој и тој е мандатар. Јас не можам да го дадам мандатот на СДСМ, морам да знам кому го давам како личност, конкретно на некој човек“, истакна Пендаровски.

Согласно најавите кон средината на јануари најдоцна треба да биде избрана и новата влада. А веќе очигледно дека иден мандатар ќе биде наследникот на Зоран Заев во СДСМ, Димитар Ковачевски, кој во изминатиов еден месец беше верна придружба на сега веќе поранешниот премиер. Согласно законските рокови отакако ќе го добие мандатот Ковачевски ќе биде исправен пред сериозен предизвик да ја состави новата влада.

Неизвесно е колку од старите кадри на партијата ќе останат во новиот состав на Илинденска. Алфа веќе објави дека Љупчо Николовски кој беше десна рака на Заев сепак ќе остане во владата, ама на местото на Шеќеринска, која веќе јавно обзнани дека не се согласува со позициите на СДСМ и затоа нема да остане на министерската позиција. Од игра излегуваат Филипче, Царовска, а и најверојатно Димитров за кого според наши информации се спрема амбасадорската позиција во САД. Единствено безбедни засега се министрите на ДУИ кои очекуваат да останат на клучните позиции со образложение дека биле започнати стратешки проекти за државата.