Перез: Сите што ја напуштија Суперлигата ќе платат голема казна!

7

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез даде интервју откако Суперлигата пропадна за помалку од 72 часа откако беше организирана. Клубовите се откажаа од натпреварувањето, па само Реал Мадрид и Барселона не се повлекоа целосно од планираното натпреварување.

Перез кажа дека е разочаран поради неуспехот на Суперлигата, затоа што на неа се работело со години.

„Со години работевме на овој проект и можеби не им го објаснивме тоа што треба, не ни дадоа шанса да објасниме. Тажен сум и разочаран поради тоа. Три години вложивме во проектот Суперлига и се боревме против тешката економска ситуација“, вели Перез.

Првиот човек на „кралевите“ смета дека сегашниот систем на натпреварување во Лигата на шампиони (ЛШ) не е интересен.

„Овој формат на ЛШ е интересен само од четвртфинале, а претходно има натпревари кои никој не ги гледа. Иако Суперлигата засега не се реализираше, сепак таа не е мртва. Ако овој проект не ни успее, тогаш следниот ќе биде успешен. Сите 12 клубови потпишаа договори и проектот може да се оствари без германските и француските екипи“, објасни Перез.

Едноставно на Перез не му се допаѓа сегашниот фудбал за кој вели дека има лоши натпревари, а со Суперлигата квалитетот на фудбалот ќе се зголемел.

„Тие што ја создадоа ЛШ мора да бидат тука. Тие што имаат најмногу навивачи мора да бидат во оваа лига. Ни велат дека сите сме исти. А имате натпревари кои никој не ги гледа. И мене ми е тешко, а морам уште и да плаќам. За што? За Елче – Ваљадолид?“, прашува Перез.

Перез вели дека добиле голем број закани зашто сакале да ја организираат Суперлигата.

„Нѐ убија со страшна агресија. Како да дојдовме со атомска бомба. Како да сакаме да го уништиме фудбалот. Тоа беше неверојатна кампања каква што не сум видел за 20 години во фудбалот. Ќе видиме што ќе биде ако мора да се соочат со реалноста. Клубовите ќе загубат повеќе од две милијарди евра“, смета Перез.

Главниот човек на „кралевите“ знае дека оваа идеја на многумина не им се допаѓа, но приоритет му се парите и вети дека Суперлигата ќе се игра.

„Денеска разговарав трипати со Ањели. Не се чувствувам осамено. Јувентус е тука, Барселона разислува. Видовме дека можеме да заработиме пари, а тоа е договор со Џеј-Пи Морган. Би било грев да не се размисли за ваков формат. Сите продолжуваме. Никој не плати казна засега, ама ќе платат затоа што договирте се потпишани“, се закани првиот човек на Реал.