Петровска – Дрекслер: Одлична воено-политичка соработка, силна германска поддршка за евроинтеграциите

1

Благодарение на силната германска поддршка Северна Македонија денес е членка на НАТО, потенцирала министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната средба со новопоставената амбасадорка на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, упатувајќи благодарност за безрезервната поддршка на нашиот пат кон побрза евроинтеграција.

– Сметаме дека силната германска поддршка е предуслов за успешно постигнување на нашиот втор стратешки императив – полноправно членство во Европската унија, на која работиме многу напорно, рекла Петровска, стои во соопштението од МО.

Амбасадорката Дрекслер посочила дека двете држави како НАТО сојузнички, имаат одлична воено-политичка соработка и оти е мошне значајно за Северна Македонија да продолжи да чекори на патот кон европската интеграција преку спроведување на уставните измени, со цел да не се одолговлечи процесот.

– Република Северна Македонија има одлична прилика да ги отвори поглавјата во преговорите со Европската Унија преку спроведување на уставните измени во 2023 година, за да не се изгуби драгоцено време и да се избегне ризикот од долгогодишно успорување на интеграцијата, порачала Дрекслер на средбата со Петровска.

Како што се наведува во соопштението од МО, на средбата била истакната одличната одбранбена билатерална соработка, во голем број на области како военото образование и обуката во одбраната во која се одвиваат повеќе активности како експертски разговори, курсеви и работилници, со можност за продлабочување на соработката.

Петровска и Дрекслер на средбата заклучиле дека двете земји ќе продолжат активно да придонесуваат во одржувањето на мирот, стабилноста и безбедноста на Европа и регионот, но и да дадат максимална поддршка на украинскиот народ во борбата за слобода.