Пет луѓе убиени во судирите во Боливија

12

Боливиската војска и полиција отворија оган кон поддржувачите на доскорешниот претседател Ево Моралес во градот Сакаба и убија најмалку пет луѓе, додека десетици се повредени.

Директорот на болницата во тој град изјави дека сите загинати и најголемиот дел од ранетите се погодени од огнено оружје и рече дека ова е најлошото насилство во неговата 30-годишна кариера.

„Ова ли го викате демократија? Да не убивате како ништо“, рече една жена на бдеењето за убиените.

Моралес на Твитер напиша дека се случил „масакр“ и преодната влада на самопрогласената претседателка Хенин Ањес ја опиша како диктатура.

„Тие сега ги убиваат нашите браќа во Сакаба кај Кочабамбе“, напиша Моралес.

Тој се наоѓа во Мексико каде што доби азил, откако во неделата поднесе оставка под притисок на војската и заканите од неговите соработници.

Демонстрантите рекоа дека пукањето почнало кога се обиделе да поминат воен контролен пункт.

Ањес претходно рече дека на Моралес нема да му биде дозволено да се кандидира на новите избори, како и дека би можел да биде обвинет за изборна измама ако се врати во Боливија.

Моралес тврди дека сè уште е легален шеф на државата, зашто парламентот не ја усвои неговата оставка.