Пиргов: Огнот избувнал кај предното десно тркало, автобусот одел со 100 км на час

6

Васко Пиргов, кој работи во Перник во Окружната служба за безбедност, за бугарската државна телевизија изјави дека во 3.04 часот добил сигнал дека се случило нешто на автопатот „Струма“ и дека во 3.30 часот бил на местото на несреќата. „Веќе имаше колона од возила, но со добра организација полицијата од Перник се проби до автобусот, како и противпожарно возило. Се молев да има што помалку жртви, но брзо разбрав дека има многу загинати, рекоа можеби над 40 души – шокантно“, рече Пиргов. Според него, огнот во автобусот избувнал кај предната десна гума.

„Како експерт првично мислам дека станува збор за човечка грешка, можеби задремување на волан. Немаше во непосредна близина на автобусот друго возило, нема судир со возило. Има знаци дека кај предната десна гума имало разлеано гориво, веројатно пукнала гума кога автобусот, мислам, ја допрел банкината од патот, имало триење, искри и од самото влечење на автобусот, дополнително работеле уредите за затоплување. Сето тоа заедно придонело за појава на оган и негово брзо ширење. Автобусот се движел со брзина од 100 км на час. Истрагата ќе каже што е причината, но првично мислам дека огнот избувнал во предниот дел на автобусот“, вели Пиргов, кој е експерт-инженер за мотори со внатрешно согорување.

Инаку, на Бугарската национална телевизија говореа и други експерти од областа на безбедноста во сообраќајот. Според нив, оваа делница на патот „Струма“ носи многу ризици и има чести сообраќајни несреќи.

Тие велат дека според Еуростат, Бугарија е на врвот на листата на земји од Европа со најмногу жртви во сообраќајот.