Пломба за скопското кафуле “Интермецо” среде журка на Роџер Санчез – не се почитувале протоколите!

40

Државниот пазарен инспекторат синоќа го затвори кафулето „Интермецо“ во скопската населба Капиштец, поради непочитување на протоколите на Владата за заштита од ковид-19.

Во кафулето синоќа имаше журка со светски познатиот диџеј Роџер Санчез, која десетина дена беше најавувана како спектакуларна. Во координираната акција на Општина Центар, Министертсвото за внатрешни работи и Државниот пазарен инспекторат било утврдена дека во локалот после 22 часот се направила голема гужва односно не се почитувале препопраките, поради што журката е прекината и кафулето затворено.

„Гостите имаа сертификати за вакцинација. Бидејќи имавме најава за журката, на врата полицијата ги легитимираше гостите и им бараше сертификати. Проблемот настана подоцна, кога според бројот на продадени карти локалот се преполни со гости и на тој начин не се почитуваа протоколите“, вели директорката на Државниот пазарен инспекторат Анета Симеска-Димоска.

Според записникот на инспекторите, денеска ќе се одреди колкава ќе биде казната за локалот. Според законот, локалот може да биде затворен од 10 до 30 дена, казната за одговорното лице е 1.500 евра, а за правното дополнително ќе се одреди според големината на локалот.