ПОВЕЌЕ ОД 50 ВРАБОТЕНИ ГО НАПУШТИЈА ЏОНСОН Премиерот одбива да се повлече

14

Повеќе од 50 вработени ја напуштија британската влада за помалку од 48 часа, велејќи дека премиерот Борис Џонсон не е способен да биде на чело по серијата скандали, додека десетици во неговата Конзервативна партија се во отворен револт, јавува Ројтерс. Но, тој уште се противи да замине.

Четворица врвни министри дадоа оставки. Брендон Луис, секретарот на Северна Ирска, стана последниот министер во Кабинетот што рано утринаваз поднесе оставка, по оставките на министрите за финансии, здравство и за регионот Велс.

– Не можам да го жртвувам мојот личен интегритет за да ги бранам работите како што стојат сега -рече министерот Луис.

– Јасно е дека нашата партија, парламентарните колеги, волонтерите и целата држава заслужуваат подобро.

Делегација на високи министри и високи личности што ги претставува конзервативните пратеници кои не се во владата отиде на Даунинг стрит во средата вечерта за да му каже на Џонсон дека треба достоинствено да си оди од функцијата.

Но, тој одби да отстапи, па дури и го отпушти Мајкл Гоув, еден од неговите најефикасни министри, кој, според извештаите на медиумите, му рекол на британскиот лидер дека треба да се повлече.

– Нема да се повлечам – изјави Џонсон пред парламентарната комисија.

Весникот „Сан“ цитираше сојузник на премиерот дека бунтовниците во неговата партија „ќе мораат да ги потопуваат рацете во крв“ доколку сакаат да се ослободат од него.

Џонсон сугерираше дека имал мандат да управува од речиси 14 милиони гласачи кои гласаа за конзервативците во декември 2019 година, кога тој дојде на власт со ветување дека ќе го реши излегувањето на Британија од Европската унија по долгогодишни жестоки расправии.

Тој вели дека не би било одговорно да се напушти работата среде економска криза и војна во Европа. Џонсон беше видлив поддржувач на Украина по руската инвазија кон крајот на февруари.

Тој, исто така, одби да каже дали ќе се обиде да остане на функцијата дури и ако изгуби доверба од неговите пратеници. Тоа би можело да дојде следната недела доколку внатре во партијата се согласат да ги променат правилата, кои засега дозволуваат само еден таков предизвик годишно.

Пратениците од опозицијата рекоа дека хаосот значи дека владата не може да функционира. Комисиите што требаше да се состанат во четврток за да го испитаат законодавството, вклучително и нацрт-законот за национална безбедност, беа откажани бидејќи немаше министер на функција.