Подобро е да се почнат преговори со Тирана и Скопје отколку тие да се отфрлат

4

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

Деновиве 27-те земји членки на Европската Унија се поделени за многу работи, но една контроверзија конкретно ја сумира основната дилема на блокот. Таа е за „проширувањето“, и конкретно дали официјално да почнат преговорите за пристапување со Северна Македонија и Албанија. Под површината демне прашањето дали ЕУ може, во еврократски жаргон, во исто време да се „проширува“ и да се „продлабочува“.

Со други зборови, ако ЕУ продолжи да прима нови членки, без разлика дали се подготвени или не, нема ли таа едноставно да стане неуправлива и отуѓена?

Како и обично, на францускиот претседател Емануел Макрон, кој стекна репутација на недипломатски искрен човек, му се падна да укаже на оваа тензија. Тој ги шокираше другите водачи на ЕУ блокирајќи ги официјалните преговори со Северна Македонија и, исто така, поддржан само од Данска и Холандија, на Албанија. Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

Два главни аргументи му беа фрлени в лице на Макрон. Прво, дека тој неправедно не признава колку двете земји веќе направиле за да станат добри кандидати. Албанија го исчисти своето судство и го нападна организираниот криминал. Другата земја дури и го смени своето име (додавајќи „Северна“), само за да ја смири членката на ЕУ Грција, која има регион за кој тврди дека полага право на името „Македонија“. ЕУ имаше ветено дека ова ќе биде доволно за да се почнат преговорите.

Второ, Макрон беше обвинет дека е стратегиски кратковид, во време кога ЕУ треба да почне да размислува „геополитички“. Русија и Кина веќе ги пуштаат своите пипала во југоисточна Европа, вторава со финансирање пристаништа, мостови и железнички линии, како дел од нетранспарентни политички зделки. Ако Балканот се почувствува одбиен од ЕУ, тој ќе потрча во прегратките на незападните автократи.

Сето ова е точно. Но постои добра причина и за противење на проширувањето: тоа неизбежно ја оневозможува интеграцијата меѓу постојните членки на ЕУ. Заедничкото функционирање беше доволно тешко и за шесте основачки држави уште во 50-тите години на минатиот век. Со секој нов учесник, стануваше сè потешко, бидејќи требаше да се вклопат нови јазици, политички култури, историски поплаки и национални интереси. Ова беше така откако Велика Британија се придружи во 1973 година (и погледнете до каде доведе тоа) и по подоцнежното медитеранско и нордиско проширување.

Дилемата стана особено јасна по двете експанзии на исток во 2004 и 2007 година. Истите аргументи се користеа и тогаш како и сега: да не се прифатат посткомунистичките нации би било геополитичка глупост, да се отфрлат во сферата на влијанието на нивните поранешни руски угнетувачи. А би било неправедно и кон народите што долго и храбро се бореа за својата слобода и копнееја да му се придружат на „Западот“.

Сепак, по повеќе од една деценија, некои од тие источни членки се претворија во расипувачи на европскиот проект, или полошо. Унгарија е квазиавтократија, која гордо се нарекува „нелиберална“. Полска активно ја поткопува независноста на своите судии и владеењето на правото, во отворен судир со Европскиот суд во Луксембург. Двете земји го попречуваат секој напредок во формулирањето заедничка европска политика за справување со мигрантите. Всушност, тие ја отфрлија основната идеја на ЕУ за европска солидарност во корист на атавистички национализам.

Секоја претходна рунда на проширување воведува нови расцепи во ЕУ, некои меѓу северот и југот, други меѓу истокот и западот. Макрон воопшто не е осамен во перцепцијата дека европската интеграција одамна е застоена, а „проширувањето“ има голема врска со тоа. Во надворешната и одбранбената политика, секоја земја-членка може да стави вето на секоја одлука, со тоа правејќи ја Европа нерелевантна и немоќна на светската сцена. Поголемите идеи како европска армија се само празни соништа. Во еврозоната, ниту банкарството, ниту фискалната унија не се комплетирани, со што валутната унија се остава ранлива на уште една криза.

Сето ова е дел од геополитичко размислување. Без евро што му конкурира на доларот, без дипломати или војници што Турција, Русија, Кина и другите ги сфаќаат сериозно, колку добра ќе биде ЕУ на долг рок?

Од друга страна, сепак е подобро да се почнат преговори со Тирана и Скопје отколку тие да се отфрлат. Но ЕУ истовремено мора да се справи со поголемата дилема – застоената интеграција. За тоа, мора да се зафати со табу-теми и да разговара за една Европа со повеќе брзини.

Идејата постои со децении: дозволување некои групи земји да се интегрираат побрзо од другите во областите што ќе ги изберат. Во голема мера тоа веќе е реалност. Само 19 од 27 земји на ЕУ го делат еврото; 26 членки на т.н. шенген-зона имаат целосно отворени граници едни со други, од кои четири (Норвешка, Исланд, Швајцарија и Лихтенштајн) не се ни во ЕУ. И така натаму.

Зошто да не можат некои членки (Германија, Луксембург и Холандија, да речеме) сега да напредуваат кон фискална унија, а другите да им се приклучат подоцна? Исто и во надворешната, одбранбената и миграциската политика. Ако ЕУ како целина не може да се продлабочи, оставете делови од неа да го сторат тоа.

Некои земји-членки, како Полска, секогаш се спротивставуваа на таквата разнолична ЕУ, плашејќи се дека ќе станат периферни и второкласни. А сепак, тие тврдат дека се подеднакво загрижени за отстапувањето поголем суверенитет на Брисел. Но тоа е избор карактеристичен за припаѓањето кон ЕУ.

Па, ајде да го направиме клубот флексибилен, со различни видови членство. Да не ги нарекуваме златни, сребрени и бронзени, туку нешто како длабоки, средни и плитки. Со различните нивоа доаѓаат различни степени на интеграција, обврски и права. Не сакате да го примите својот дел од бегалците? Тогаш добивате помалку од буџетот на ЕУ. Не верувате во владеењето на правото? Тогаш ги губите вашите гласови во Брисел.

Во една таква флексибилна ЕУ, делови од Европа би можеле да се соединат во сили со геополитичко значење, додека други делови би си задржале поголема независност. Ова е единствениот начин на кој Европа може да се продлабочи и да се прошири во исто време. Којзнае? Можеби тоа е вид на ЕУ на која еден ден дури и Британците ќе сакаат да ѝ се приклучат.