Пожарот во струмички „Глобал“ го гаснеле и пожарникари од Радовиш, Штип, Кавадарци и Валандово

22

Пожарникарите кои од синоќа до раните утрински часови безмалку пет часа се бореа со пламените јазици од кои настрадаа десетици дуќани и затворениот пазар во струмичкиот трговски центар „Глобал“ објави статус на Фејсбук со детали за големиот пожар.

„Синоќа, (сабота) 02.01.2021 година во 23.12 часот избувна голем пожар во ГТЦ Глобал. ТППЕ Струмица веднаш по првата дојава излезе на лице место. Согледувајки ја сериозноста и големината на пожарот веднаш е извршена мобилизација на целиот состав на единицата и тоа 38 пожарникари спасители и 6 ПП возила.

Побарана е помош од ТППЕ Радовиш со 3 ПП возила и 6 пожарникари спасители, ТППЕ Кавадарци со 3 ПП возила и 8 пожарникари спасители, ТППЕ Валандово со 3 ПП возила и 4 пожарникари спасители, ТППЕ Штип со 1 ПП возило и 5 пожарникари спасители и ЈПКД Комуналец со 2 возила цистерни за дотур на вода. Извршено е гаснење на пожарот од три влеза и тоа од ул.Ленинова, ул.4 Јули и ул.Васил Сурчев. Пожарот е ликвидиран во 03.50 минути.

Оставена е дежурна екипа заради догасување на одредени жаришта во приземниот дел. Причинета е огромна материјална штета“, напишаа пожарникарите.