Поларните мечки почнаа да се јадат едни со други, а за тоа се виновни луѓето

78

На Арктикот има сѐ повеќе случаи на поларни мечки што се убиваат меѓусебно и се јадат поради топењето на мразот и намалената природна средина за што се виновни луѓето, предупредуваат руските научници. Топењето на мразот и човечката активност го уништуваат нивниот хабитат.

– Канибализмот меѓу поларните мечки ни е долго познат факт, но нè загрижува тоа што тие случаи порано беа ретки, а сега често ги забележуваме – рекол стручњакот за поларни мечки Илја Мордвинцев.

Научниците потврдиле и тоа дека мечките по убиството на припадникот на својот вид, неговото тело го покриваат со снег и мраз за да можат повторно да го искористат во догледно време.

На презентацијата во Санкт Петербург тој истакна дека за подемот на канибализмот меѓу поларните мечки веројатно е одговорен недостигот на храна.

– Во некои периоди едноставно нема доволно храна и поголемите мажјаци ги напаѓаат женките со мали мечиња – рече тој.

Но, додаде и дека можна причина за тој пораст е и фактот дека повеќе луѓе работат на Арктикот и ги бележат ваквите случаи.

Климатските промени, загревањето, топењето на глечерите се дел од факторите кои придонесуваат кон оваа појава кај поларните мечки. Од друга страна, нафтената индустрија на полуостровот Јамал директно го загрозува живеалиштето на поларните мечки во кое отсекогаш ловеле.

– Сега имаме информации не само од научници, туку и од сè поголем број работници на нафтени платформи и вработени во министерството за одбрана. Подрачјето околу Обскиот залив и Баренцовото море, каде поларните мечки ловат, сега е фреквентна рута за бродовите што носат течен природен гас и во текот на целата година има искршен мраз – истакна Мордвинцев.

Поларните мечки се вид кој има ниска стапка на репродукција, едно или две младунчиња се раѓаат во текот на зимата и остануваат со мајката наредните две години. Поларната мечка не се размножува додека не наполни пет или шест години.