„Политико“: Париз ќе се помести за С. Македонија и Албанија кога ќе знае што добива за возврат

6

Европското издание на угледниот „Политико“, известувајќи за вчерашниот неуспех на Советот за општи работи на ЕУ третпат во 16 месеци да стигне до одлука за почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија, наведува дека „Франција ќе се помести само кога ќе биде јасно што може да добие за возврат на друга тема“.

За ова свое тврдење „Политико“ се повикува на двајца неименувани дипломати. Тие изјавиле дека Франција била единствена држава што вчера се противела на одлука за почеток на преговори со Северна Македонија.

Пишувањето на „Политико“ за можно пазарење на Париз доаѓа во пресрет на денешната заедничка седница на француската и германската влада во Тулуз, во присуство на претседателот Емануел Макрон и канцеларката Ангела Маркел. Агенциите Ројтерс и ДПА, како што пренесе „Дојче веле“, објавија дека „Меркел планира да продолжи да врши притисок врз францускиот претседател Емануел Макрон да попушти за почеток на преговори за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија“, повикувајќи се на владини извори во Берлин.

Истиот извор тврди дека германската канцеларка планира одново да ја отвори темата за време на германско-француската меѓувладина средба денеска во Тулуз. Доколку и тој обид не успее, вели владиниот извор, Меркел ќе ја стави темата на маса и на самитот на лидерите на ЕУ утре во Брисел.

„Тоа не е тема што ќе дозволиме да биде запоставена“, вели германскиот функционер. Се работи, вели тој, за „решавачко стратешко прашање“ за ЕУ.

Германската новинска агенција ДПА, повикувајќи се на извори во Берлин, јавува дека германската влада е одлучна да се спротивстави на францускиот отпор за проширувањето и да го ослободи патот за Скопје и Тирана. Изворот во германската влада признава дека Берлин вчера го одбил предлогот на финското претседателство за раздвојување на Албанија и Северна Македонија, кој беше доставен поради отпорот во повеќе главни градови против Тирана.

„Германската позиција не е да ја жртвуваме Албанија за да напредува Северна Македонија“, вели функционерот и додава дека двете земји ги исполниле условите што им ги дала Европската комисија и со реформите заслужиле да започнат преговори.

Извор: 360степени