Политичка драма во живо: Почнуваат јавните сведочења за импичмент на Трамп

26

Првите јавни сослушувања на сведоците во истрагата за импичмент на претседателот Доналд Трамп почнуваат денес. Демократите во Претставничкиот дом ја засилуваат својата кампања против Белата куќа, за која тврдат дека ги злоупотребила своите овластувања.

Пратениците во текот на денов испрашуваат двајца дипломати, кои изразија сомнеж дека Трамп ја условувал помошта за Украина со покренување истрага против неговиот политички ривал Џо Бајден, потенцијален демократски кандидат на претседателските избори во 2020 година.

Први изјава даваат Вилијам Тејлор, вршител на должноста амбасадор во Украина, и Џорџ Кент, дипломат од кариера.

Тејлор претходно изјави дека сегашната администрација користела нерегуларни политички канали за да изврши притисок врз Киев да работи во корист на политичките интереси на Трамп.

Според него, барањето истрага против поединци, наместо повик за сеопфатни мерки против корупцијата, е спротивно на стандардниот пристап на Америка кон Украина.

В петок јавно треба да сведочи Мари Јованович, поранешната амбасадорка во Киев. Таа беше сменета годинава затоа што наводно одбила да соработува со приватниот адвокат на Трамп, Руди Џулијани.

Трамп упорно тврди дека од украинскиот претседател Володимир Зеленски не барал никаква „услуга за услуга“, како што тврди Тејлор.

Комисијата на Претставничкиот дом за разузнавање објави и список на луѓето што следната недела ќе сведочат за импичментот на Трамп.

На тој список се Александер Виндман, функционер од Советот за национална безбедност, Џенифер Вилијамс, помошничка на потпретседателот Мајк Пенс, поранешниот специјален пратеник на САД во Украина Курт Волкер и функционерот на Советот за национална безбедност Тим Морисон.

Тие ќе сведочат на 19 ноември, а ден потоа на прашањата од пратениците ќе одговараат американскиот амбасадор во ЕУ Гордон Сондленд, заменичката на министерот за одбрана Лора Купер и заменик државниот секретар Дејвид Хејл.

Поранешната официјална претставничка на Советот за национална безбедност Фиона Хил ќе сведочи на 21 ноември.