Политичко влијание ќе има, но од Брегзит македонската економија нема да трпи

6

Македонија останува без голем поддржувач во Европската унија. Излезот на Велика Британија од ЕУ освен што ќе значи еден глас помалку за проширувањето, остава и празен простор во ЕУ за чие пополнување веќе се одмеруваат силите меѓу поголемите земји-членки. За познавачите не европските состојби француското „не“ во октомври е токму резултат на таа борба. Во тој контекст за земјава ќе биде важно кој ќе го пополни влијателното место на Британија.

„Германија како голем поддржувач на проширувањето го губи својот партнер во овој процес, односно Обединетото Кралство, поради што ќе биде потешко да се говори за проширувањето на ЕУ долгорочно. За нас тоа значи дека ќе треба многу повеќе да работиме со останатите земји-членки, пред се со Франција“, вели Симонида Кацарска, дирекор на Институт за европска политика.

Кацарска сепак не смета дека било која земја ќе може да ја замени специфичната улога која ја имаше Британија во Унијата.

„Секако мора да гледаме во големите земји-членки. Тука како актер треба да се позиционира Шпанија, која што секогаш била четвртата земја помеѓу нив. Меѓутоа исто така ние ќе мора да внимаваме на Полска, која што во однос на, условно, новите земји-членки кои што пристапија пред 15 години, е земја која што се позиционираше високо во однос на европската агенда и покрај оние проблеми кои што во моментот ги има во однос на правосудството“, вели Кацарска.

Брегзит многу ќе се рефлектира врз европската каса, со оглед дека уделот на Британија во последниот седумгодишен буџет на Унијата беше 12 проценти. За Македонија, смета Кацарска, тоа би значело влијание во однос на средствата кои би можеле да ги очекуваат земјите кои што пристапуваат, доколку другите земји-членки не издвојат повеќе пари.

Британија освен еден од најголемите поддржувачи на Македонија за влез во ЕУ, е и втор трговски партнер на земјава. Според податоци од јануари до ноември 2019 година вкупната трговска размена изнесувала една милијарда евра, што е раст од 35% за една година.

Од таму експертите сметаат дека треба што е можно побрзо да се регулираат економските односите меѓу двете земји кои што ќе следат по престанакот на важењето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со која досега тие беа регулирани. Сепак не се очекуваат големи потреси за македонската економија.

„Не би требало да има проблеми, имајќи предвид дека и дел од тие стоки лесно можат да се пренасочат кон другите пазари. Значи лесно си го наоѓаат патот. Не сме зависни исклучиво со трговијата со Британија, иако доколку бевме блиску поврзани тогаш би имало директни ефекти бидејќи би се искомплицирале процедурите за размена на стоки, движење на стоките, транспортот и т.н. Би имало последици определен период, додека се стабилизира. Моментално директните ефекти се ногу послаби“, смета Борче Треновски, професор на Економски факултет при УКИМ.

Сепак Треновски смета дека Македонија како мала земја, која е отворна трговски и за странски инвестиции, може да почуствува посредни економски ефекти од Брегзитот.

„Ефектите врз Македонија може да ги поделиме во неколку канали. Едниот канал е преку нашите трговски партнери, доколку нивниот потенцијален БДП се намали, нивната економија затаи, тогаш може побарувачката странска од тие држави да биде помала и Македонија да трпи некои последици. Исто така доколку се наруши финансиската состојба меѓу финансиските посредници, банките и т.н. во околината, во ЕУ, поради излегувањето на Британија, може да има исто негативни ефекти врз странските директни инвестиции, особено силните финансиски инвестиции во нашата држава“, смета Треновски.

Ефект од излегувањето на Британија од ЕУ може да има и во делот на движењето на работната сила. Според Треновски во Британија има повеќе од 1,5 милиони мигранти од земји-членки на ЕУ, но и голем број и од Западниот Балкан и ќе треба да се види како Брегзит ќе влијае врз миграцијата која пак секогаш има свои последици врз економијата.