Полицаец застрелан со четири куршуми во Велес, додека бил во контрола

37

Во вооружен инцидент во Велес застрелан е полицаец кој бил на должност. Полицаецот е испратен во Клинички центар во Скопје, со четири куршуми во пределот на стомакот. СВР Велес го потврди инцидентот.

„Претпладнево околу 10.15 часот пред црквата ‘Св. Спас’, кај градските гробишта, полициски службеници при преземање на службени дејствија биле физички нападнати од четири лица. Едното од нив на полицискиот службеник Е.М.(46) му го одзел службениот пиштол и пукал кон него“, изјави Верољуб Додевски портпарол на СВР Велес.

Тројца од напаѓачите се приведени во Полициската станица и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Според сведоци, инцидентот се случил околу 10 часот во турското маало, близу црквата „Св. Спас“ во Велес.

Во патрола беа еден полицаец и полицајка, дојде до караница, еден од нив го зема пиштолот од полицаецот и пукаше – вели очевидец. Застреланиот не бил однесен со возило на Итната помош, туку со приватно бил префрлен во велешката Болница.

„Донесен е пациент на хируршко одделение со стабилни витални функции, свесен, ориентиран. Извршена е компјутер -томографско снимање, има четири огнострелни рани во пределот на стомакот, една во колено. Препратен е на Клинички во Скопје, поради тежината на повредите“, изјави д-р Тодор Јаковлев, портпарол на ЈЗУ Општа Болница Велес.

Во потрага по сторителите на делото, полицијата вршеше претрага во делот на месноста Рамина а на излезите од градот, се контролираа сите автомобили кои го напуштаа Велес.