Полицискиот час го прекршиле 12 лица

11

На првиот ден од воведувањето на полицискиот час, мерката ја прекршиле 12 лица, информира Министерството за внатрешни работи.

Од вчера во 22 часот до 5 часот утрово започна полицискиот час, а оваа рестриктивна мерка ќе важи секој ден сѐ до 22 март со цел спречување на ширењето на ковид-19.

Синоќа дел од раководството на МВР, предводено од министерот Оливер Спасовски, направи увид во спроведувањето на ограничувањето на движење во Скопје, Тетово, Куманово, Велес и други градови.

Спасовски најави и санкции за оние што нема да ја почитуваат забраната. На новинарско прашање за евидентно досегашно непочитување на полицискиот час во одредени населби и градови, министерот одговори дека мерката се однесува на сите граѓани и мора да биде спроведена во целост.

„Апелирам граѓаните да ги почитуваат мерките, на тој начин ќе придонесат во борбата против ковид-19. Секако, за оние што не почитуваат ќе има прекршочни и кривични санкции. Очекувам, како што започнавме оваа вечер, заеднички да придонесеме наредните денови да имаме стабилизација на состојбата, зачувување на здравствениот систем. Убеден сум дека ќе ја добиеме оваа битка.. Контролите се подеднакво на целата територија на Република Северна Македонија, не сакам да влегуваме во поделби оти битката со вирусот не познава ниту вера ниту нација, таа е опасност за сите нас“, кажа Спасовски.