Полицијата вчера предупредуваше за полицискиот час, од вечерва ќе казнува

7

Состојбата на терен е мирна и најголемиот дел од граѓаните ја почитуваат одлуката на Владата, оцени министерот Наќе Чулев синоќа по започнувањето на полицискиот час, кој трае од 21 до 6 часот наутро.

Тој најави дека од денеска полицијата ќе почне да казнува, за разлика од синоќа кога само предупредувала.

„МВР вечерва ќе постапува превентивно, односно ќе ги предупреди граѓаните кои го прекршуваат ограничувањето на движењето, а веќе во текот на утрешниот ден полициските службеници ќе преземаат мерки за санкционирање на граѓаните“, најави Чулев синоќа.

За казните се огласи и обвинителството. Оттаму порачаа дека прекршувањето на полицискиот час во актуелната ситуација ќе се гони со кривична одговорност за делото непостапување според здравствените прописи за време на епидемија (член 206 од Кривичниот законик).

„Имено, за ова кривично дело се одговара кога за време на епидемија на некоја опасна заразна болест не се постапува според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзиното сузбивање или спречување. За физичките лица предвидена е парична казна или затвор до една година“,

информираат од обвинителството.
За фирмите, пак, се предвидува парична казна и до 30 милиони денари (речиси 500 000 евра).