Помалите здравствени домови се подготвуваат за вакцинацијата против Ковид-19

17

Помалите здравствени домови во државата, меѓу кои и Здравствениот дом „Гоце Делчев“ во Делчево, се подготвуваат за најавената вакцинација за Ковид-19, која започна со вакцинацијата на здравствените работници во модуларната болница при Клиниката за инфективни и фебрилни состојби во Скопје.

Како што информираше Марија Глигоровска, директорка на Здравствениот дом „Гоце Делчев“, со вакцинација од Ковид-19, здравствените работници од Делчево ќе бидат опфатени во подоцнежната фаза, бидејки во моментот установата не е опремена со потребните фрижидери за чување на Фајзер вакцините.

-Сега засега ние сите сме пријавени, но најверојатно од првата количина вакцини од Србија, како што кажаа и од Министерството за здравствo нема да добиеме. Како помала установа не сме опремени со фрижидери за чување на вакцината, така што очекуваме допис од Министерството како се ќе одвива понатаму вакцинацијата, истакна Глигоровска.

Директорката на делчевскиот здравствен дом додаде дека по добивањето на првите вакцини, вакцинацијата би се одвивала без проблеми имајки го предвид искуството од минатите години за вакцинација против сезонски грип.

-Подготвени сме, имаме план како ќе се аплицира вакцината, ќе работиме во две смени, имаме доволно доктори, имаме сестри и се ќе зависи какви насоки ќе добиеме. Ќе повторам, имаме доволно специјалисти, кога ќе дојде време ќе работиме и втора смена, мислам дека добро ќе го направиме тоа, по теркот на вакцината на грип, додава Глигоровска.

Во однос на вакцинирањето граѓаните на Делчево таа е со став дека вакцината е неопходна за надминување на состојбата со Ковид-19.

-Треба да се прими, ако е успешна во другите земји треба да ја примиме. Има од повеќе земји, која е подобра со таа ќе се вакцинираме, истакна граѓанин на Делчево.

Директорката на делчевскиот здравствен дом се осврна и на состојбата со Ковид-19 која според неа спласнува, иако како што додава јануари бил месец кога Делчево по бројот на позитивни случаи бил на рамниште на Битола.

-Ние за жал бевме во лоша состојба цел јануари. моја лична оценка и на колегите е дека собирањата за празниците пред и околу Нова година си го направија своето, поради што ситуацијата во одредени денови беше тешка. За среќа деновиве бележиме намалување на бројот на случаи. Конкретно денеска имам два потешки случаи, меѓутоа бројот на новозаболени се намалува, додава Глигоровска.

Во моментот во Здравствениот дом „Гоце Делчев“ во Делчево кој раководи и со здравствената станица во Македонска Каменица заврши реновирањето на внатрешните простории во установата, активност која се реализираат по пауза од 30 години.