Помошта од 6.000 денари може да се подигне и на банкомат

87

Редици граѓани со часови чекаа пред банките да добијат инфомација како и на кој начин може да ги искористат шестте илјади денари дадени од државата. Вработените во банките им објаснуваа на граѓаните дека парите можат да ги подигнат од банкомат наместо да чекаат ред. Утринава парите наменети за мерката „Купувам домашно“ легнаа на сметките на 280 илјади граѓани. Граѓаните велат дека со парите ќе покријат некоја сметка или ќе купат прехрамбени производи.

„Некој ми кажа дека може да се извадат некој не, нема кој да ми каже не можам да влезам во банка. Штом можам да ги извадам е добро, зошто не не ограничуваат само со домашни производи, можам сметка да платам нешто да направам…“

„Да, треба да ги подигнам, ќе земам нешто за јадење, што друго да земам…“

„Ме нема уште, треба да прашам на шалтер. Малку се ама добро е, да јадеме нешто, да купиме за дома“, рекоа граѓаните.

Дури 70 илјади граѓани поднеле приговор, сметајќи дека исполнуваат услови, а не се нашле на владиниот список.

„Приговорите кои стигнуваат до Генералниот секретаријат на Владата активно се разгледуваат. Досега се пристигнати околу 70.000 приговори. За граѓаните чии приговори се прифатени, нивните податоците ќе бидат ажурирани и објавени на веб страницата „купувам домашно“, рекоа од Владата.

Самохраните родители, уметниците и естрадните уметници парите ќе ги добијат до крајот на оваа недела зошто списоците се уште не се комплетирани. Граѓаните кои немаат транскациска сметка ќе треба да отворат нова во банката каде што се распределни. Останува нејасно до кога банките ќе можат да отвараат подсметки и на кој начин за оние граѓани на кои поради различни причини им е блокирана сметката.

Од Владата и денеска не појаснија зошто во последен момент од „Купувам домашно“ мерката премина во купување на производи од било кој производител и давањето можност граѓаните парите да ги потрошат на што сакаат, иако оваа мерка беше најавувана со единсвена цел зголемување на производството на македонските компании.