Помпео: САД спречија нуклеарна војна меѓу Индија и Пакистан во 2019 година

5

Поранешниот американски државен секретар Мајкл Помпео тврди дека САД спречиле нуклеарна војна меѓу Индија и Пакистан во 2019 година, објави денеска „Тајмс“.

Помпео во неодамна објавените мемоари напиша дека пред четири години, Индија и Пакистан се приближиле до самиот почеток на нуклеарен конфликт, откако Индија започнала воздушни напади против милитантите на пакистанска територија во знак на одмазда за нападот во кој загинаа 40 индиски војници во Кашмир.

Помпео за време на таа криза беше во Ханој, Виетнам на средба меѓу тогашниот американски претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

„Никогаш нема да заборавам кога ме разбуди среде ноќ телефонски повик од мојот индиски колега за да ме извести дека Пакистан подготвува нуклеарен напад“, напиша Помпео, додавајќи дека „светот не знае колку индиско-пакистанското непријателство било блиску до ескалација во 2019 година“.

Тој рече дека веднаш потоа разговарал со тогашниот воен командант на пакистанските сили, генералот Камар Џавед Баџва, за кого напишал дека е „вистинскиот лидер на Пакистан“ и го замолил да не прави ништо и да даде „неколку минути“ за САД да се обидат да ја решат работата.

„Ни требаа неколку часа и исклучително добра работа на нашите тимови на теренот во Њу Делхи и Исламабад за да ги убедиме двете страни дека другата не се подготвува за нуклеарна војна. Ниту една друга нација не можеше да го направи тоа што го направивме таа вечер за да избегнеме ужасен исход“, рече Помпео.

Во своите мемоари, тој наведува дека кинескиот претседател Си Џинпинг го „мразел“ и дека Трамп му рекол „да замолчи некое време“ откако Помпео ја обвини Кина за пандемијата со Ковид-19.