Помпео: Светот сега е побезбеден по смртта на иранскиот генерал

7

Американскиот државен секретар, Мајк Помпео изјави дека американските лидери не се сомневаат во разузнавачките податоци за одлуката за елиминирање на иранскиот генерал Касем Сулејмани.

„Разузнавачките проценки покажаа дека дозволувањето Сулејмани да продолжи со своите планирања и заговори, за неговата кампања на терор, е поризично отколку акцијата која ја презедовме минатата недела“ рече Помпео за телевизијата „ЕјБиСи“.

Тој ги бранеше наредбите на американскиот претседател Доналд Трамп за елиминација на Сулејмани, кој важеше за моќен генерал на елитните ирански сили Кудс.

Критичарите изразија сомневање во наводните заклучоци на разузнавачките служби, за кои Трамп во петокот рече дека покажале дека Сулејмани планирал „набрзо и злосторнички напади“ на американските воени сили во регионот. Американската влада открила докази за таквите тврдења.

Помпео тврди дека би можело да има и „малку врева“ од Иран по смртта на генералот, но тој инсистира дека „светот сега е побезбедно место“.

Дел од функционерите во Пентагон биле изнанеадени од одлуката на Трамп. Еден неименуван функционер од оваа институција ги опишал разузнавачките податоци како недоволни, пренесе „Њујорк Тајмс“.

„Не видов информации кои покажуваат дека со елиминацијата на Сулејмани ќе се спречат неговите планови или ќе се намалат други ризици за САД“ рекол за Си-ен-ен, Адам Шиф, демократски член на разузнавачкиот одбор на Претставничкиот дом.

Шиф, американскиот напад го оцени како „непромислен“, а со тоа се согласува и сенаторката Елизабет Варен, една од демократските фаворитки за претстојните избори.