Поради санкциите, руските олигарси загубија дури 95 милијарди долари

3

 

Најбогатите руски олигарси изгубија дури 95 милијарди долари како резултат на санкциите на Западот, воведени поради руската агресија врз Украина.

Тоа значи дека од почетокот на војната до сега губеле по 330 милиони долари дневно.

Најмногу загубил поранешниот сопственик на англискиот фудбалски клуб Челзи, Роман Абрамович – 57 отсто и сега неговото богатство изнесува 7,8 милијарди долари, покажуваат податоците на американски Блумберг.

Абрамович беше еден од првите олигарси санкционирани од Велика Британија. Британските власти го опишаа како некој со „јасни врски“ со режимот на рускиот претседател Владимир Путин.

Богатството на инвеститорот во енергетскиот сектор и близок пријател на Путин, Генадиј Тимченко, е помало за 48 отсто и сега изнесува 11,8 милијарди долари. Богатството на другиот партнер на Путин, Сулејман Керимов, е за 41 отсто помало и сега изнесува девет милијарди долари.

Како што пишува британскиот весник Гардијан, британската влада ги замрзна средствата на олигарсите и други Руси во вредност од 18 милијарди фунти.

Санкционирани се 1,27 илјади луѓе, меѓу кои и вториот најбогат Русин Владимир Потанин, кого го нарекуваат и „крал на никелот“.