Порази на Чешка и Украина на претпоследните контроли пред ЕП

11

Селекциите на Чешка и Украина кои се наши противници во првата фаза од Европското ракометно првенство на претпоследните контролни натпревари забележаа порази.

Чесите на гостувањето во Ѓер загубија од Унгарија со 27:24 додека Украина е совладана од Холандија со 30:27.

На дуелот во Ѓер, Унгарија водеше во текот на целиот натпревар, а Чесите имаа предност само на почетокот од средбата кога поведоа со 3:1. Потоа следуваше серија на домаќинот кој го презеде водството и на половина од првото полувреме беше 9:5, а во завршните десет минути Унгарија имаше предност и од 12:6, а на одмор замина со водство од 14:10.

Клучен момент за триумфот на Унгарците беше стартот на вториот дел кога со серија од 3:0 домаќинот стигна до најубедливиот водство од 17:10.

Чесите одговорија со четири последователни погодоци и се доближија до негатива од три гола, а последните пет минути стигнаа и до заостанување од 25:23, но немаа сила за пресврт и на крајот загубија со 27:24.

Најефикасни во чешкиот тим со по четири гола беа Здрахала и Хрстка, а по три пати прецизни беа Кашпарек и Чип.

Украинците и во второто коло на Yellow Cup што се одржува во Швајцарија забележаа пораз. Овој пат совладани се од Холандија со 30:27, а утре во последното коло Украина за противник ја има селекцијата на Тунис.