Поротничката од “ТНТ” си даде оставка, судењето почнува од почеток

3

Поротничката Лилјана Ивановска Кочковска денеска не се појави на рочиштето за случајот “ТНТ”, бидејќи како што рече судијата Огнен Ставрев, си поднела оставка.

– Добивме известување од поротничката дека дава неотповиклива оставка, бидејќи и истекол мандатот, но и поради здравствената состојба. Судењето ќе почне од почеток, рече судијата Ставрев.

Тој искоментира дека ова било желба на одбраната изминатите месеци, па ги потсети дека цело време тврделе дека не сакале да се одолговлечи постапката, туку да се запази законот.

– Утре да се изјасните дали се согласувате доказите само да се читаат, за да не губиме време, рече судијата Ставрев.

Во судница не се појаву ниту обвинетиот Тони Трајковски бидејќи како што рече неговиот адвокат Јовица Страшевски, не добил покана.

Страшевски рече дека и тој не добил покана, но бил замолен од сопругата на Трајковски да се појави на судењето.

Во судница не се појави ниту обвинетата Елизабета Најдовска, бидејќи и таа немало примена покана.

Според досегашната пракса на судот, обвинетите не добиваат секогаш писмена покана, туку се смета дека се информирани од претходното рочиште, на кое се одредува датумот за следното судење.