Португалија: Не е во ред Бугарија да се обвинува за попречување на проширувањето на ЕУ

16

Официјален Лисабон ќе се однесува претпазливо кон прашањето за проширувањето на Европската Унијата, изјави денеска нивниот амбасадор во ЕУ, Нуно Брито.

Тој потенцира дека португалското претседателство, кое раководи со Советот на ЕУ во првите шест месеци од 2021 г. нема да брза и да предлага нови заклучоци на Советот на ЕУ за проширувањето.

Прашан како го оценува однесувањето на Бугарија, која со своето вето го блокира почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија, амбасадорот Брито, како што јавува БТА, одговорил дека „не е во ред да се обвинува Бугарија за попречување на процесот, бидејќи токму таа држава е еден од силните поддржувачи на проширувањето на ЕУ”.

„Потребна е едногласност за донесување одлуки во оваа област, а дискусијата за проширувањето продолжува на високо политичко ниво“,

ја пренесува БТА изјавата на амбасадорот на Португалија во ЕУ, Нуно Брито.
Фокусот на португалското претседателство во овој мандат, како што најавува Брито, ќе биде подобрување на односите со Африка и изготвување нови миграциски правила на ЕУ.

Според него, од Португалија, исто така, може да се очекува да ги продолжи напорите започнати под германското претседателство и поврзани со одобрување на новиот европски буџет, економското закрепнување од пандемијата, како и заедничките активности на земјите од ЕУ за контрола на ширењето на коронавирусот.

Меѓу другите цели во Лисабон, како што јавува БТА, амбасадорот ги навел и дигитализацијата и заштитата на животната средина.