Португалското претседателство со ЕУ ќе направи сѐ што може да почнат преговорите со Македонија

17

Процесот на проширување на ЕУ е важно прашање за Португалското претседателство и ќе направи сѐ што е во негова моќ да се динамизира дијалогот за усогласување на Преговарачката рамка и формално да се отпочнат пристапните преговори меѓу Македонија и ЕУ, им порачал португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и на шефот на дипломатијата Бујар Османи, синоќа во Брисел.

На средбата се разговарало за програмата и приоритетите на Португалското претседателство, со акцент на очекувањата за процесот на проширување во претстојниот период. На состанокот било отворено и европското досие на Северна Македонија, при што се разговарало за идните можни чекори кои би се реализирале под палката на Португалското претседателство со ЕУ, соопшти владината прес-служба.

Димитров и Османи биле едногласни дека евроинтегративниот процес мора да добие засилено внимание особено во случајот на Македонија за која од март минатата година има консезуална одлука од сите земји членки за отпочнување на преговорите. Тие ја потврдиле посветеноста на земјата кон реформскиот процес, нагласувајќи дека јасната перспектива на земјата како идна полноправна членка на ЕУ, претставува најсилен поттик за продолжување на реформскиот процес и инкорпорирање на европските вредности дома.

Силва говорел за приоритетите на Португалското претседателството кои се насочени кон социјална, дигитална и зелена Европа; со зајакната доверба на нејзините граѓани во европскиот социјален модел; промовирање на Унија заснована на заеднички вредности, солидарност, трансформација и кохезија – Унија способна на координирана акција за закрепнување од кризата предизвикана од ковид-19.

Средбата се одржана на маргините на вчерашниот Совет за надворешни работи на ЕУ на кои присуствуваа министрите за надворешни работи на земјите членки.

Денеска Димитров и Османи треба да имаат заеднички средби со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, со специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак, како и со претставници на Генералниот директорат на ЕК за соседство и преговори за проширување.