“Последната светлина” на Јован Саркањац ја доби наградата за најдобра оригинална музика на филмскиот фестивал Халикарнас

843

Филмот “Последната светлина” од младиот македонски режисер Јован Саркањац ја доби наградата за најдобра оригинална музика на филмскиот фестивал Халикарнас во Бодрум, Турција.

Исто така е одбран како финалист во меѓународниот филмски фестивал во Кошице, Словачка, и е дел од официјалната селекција на уште три странски фестивали. Филмот е снимен во 2020 година во продукција на Ивана Мирчевска. Директор на фотографија е Дона Дамеска, главната улога ја толкува Лазар Христов и композитор на музиката е Лука Јанкулоски.

“Голем дел од инспирацијата за овој филм е во неколкуте години од мојот живот кои ги поминав во безизлезна ситуација далеку од дома. Без такво искуство, се сомневам дека би можел да создадам ваква приказна, и за тоа сум благодарен. Последната светлина е филм кој е под големо влијание на приказната за Пандорината кутија. Нашиот јунак, Павел, се наоѓа во темен и мошне апстрактен, но физички простор. Со тоа што е опколен со четири ѕидови и може да кружи околу неговиот мал свет, небаре ѕидовите не постојат, ја истакнува надреалноста во неговата ситуација. Во мои очи, тој не само што е во истиот митски свет, туку и заробен во таа митска кутија исполнета со гласовите на злото. Сѐ додека трае светлината постои сигурност дека Павел ќе успее во неговиот обид да побегне. На самиот крај ја гледаме надежта во вид на сомнеж”, изјави режисерот Јован Саркањац.

За мене, вели тој, надежта никогаш не оди без сомнеж.

“Претпоставувам дека некои ќе пронајдат далечна сличност со Без излез од Сартр, и би се согласил со тоа во однос на атмосферата. Но во оваа приказна има само еден лик. Овде пекол не е Другиот, туку самиот себе, идеја која станува се почеста деновиве. Светлото на Прометеј, кога ќе се види од друга перспектива, е Пандорината кутија, со тоа што покажува дека во потполн мрак (незнаење), не може да се видат злото и болката во светот”.

Јован Саркањац има Б.А. во филм и ТВ студии од Универзитетот во Нотингем. Еден од сценаристите за детско телевизиско шоу на „Дајте Музика“, во Македонија, 2019 година, кој исто така има работено како асистент за производство и надзорник на сценарија на повеќе проекти.