Почина актерот Кристофер Пламер, најстариот добитник на Оскар

68

Кристофер Пламер, канадскиот актер чија филмска кариера траеше седум децении, почина на 91 година од животот. Тој е најстариот добитник на Оскар, наградата ја доби кога имаше 82 години и тоа за најдобра споредна улога во филмот „Begginers“.

Веста за неговата смрт ја потврди семејството, истакнувајќи дека починал во семејниот дом во Конектикат.

Лу Пит, негов долгогодишен пријател и менаџер, изјави дека Крис бил извонреден човек кој длабоко ја почитувал и сакал својата професија.

„Низ уметноста и хуманоста ги допре нашите срца и неговиот легендарен живот ќе трае низ генерациите кои доаѓаат. Засекогаш ќе биде со нас“, изјави тој.

Пламер ја почна кариерата на Бродвеј во 1954 година, а истата ја продолжи на сцената со главните улоги во „Cyrano“ (1974), „Othello“, „Macbeth“, „King Lear“ и други.

Ќе остане запаметен по улогите во „The Fall of the Roman Empire“ (1964), „Malcolm X“ (1992) „The Insider“ (1999), The Last Station“ (2009), „All the Money in the World“ (2017) и други филмови.