Почина внукот на Елвис Присли

96

Бенџамин Кио, син на актерката Лиза Мари Присли и внук на кралот на рокенролот Елвис Присли, почина на 27-годишна возраст, пренесува таблоидот „Ти-ем-зи“.

Бенџамин Кио е пронајден во Калабасас во близина на Лос Анџелес со рани од огнено оружје. Извори од полицијата за „Ти-ем-зи“ изјавиле дека тој се застрелал.

Менаџерот на неговата мајка Лиза Мари Присли, Роџер Видиновски, ја потврди смртта со изјава за „Ти-ем-зи“.

– Таа е потполно скршена, уништена, но се обидува да остане силна за нејзините 11-годишни близнаци и нејзината најстара ќерка Рајли. Таа го обожаваше тоа момче. Тој и беше љубов на нејзиниот живот – кажа Видиновски.

Таткото на Кио е пејачот Дени Кио. Неговата сестра е актерката Рајли Кио.

Кио ретко се појавуваше во јавноста, но на неколку негови фотографии може да се види голема сличност со неговиот дедо, легендарниот Елвис Присли, кој почина во 1977 година на 42-годишна возраст.