Почина Михаил Горбачов, последниот советски претседател во Москва

4

Последниот лидер на Советскиот Сојуз, Михаил Горбачов почина на 92 година. Горбачов ја презеде врвната функција во Кремљ во 1985-тата година во време на таканаречената студена војна меѓу западот и источниот комунистички блок.

Горбачов го почна процесот на отворање на СССР и на дипломатско приближување со западот.

Како лидер на Советскиот Сојуз (најголемата држава на светот со 15 републики) Горбачов се обиде да ја реформира владеачката Комунистичка партија, но и државниот и општествен систем во лидерот на Варшавскиот пакт. Соработуваше со двајца американски претседатели Роналд Реган и Џорџ Буш, постариот.

Најпознатите руски зборови кои се пробија и во западниот говор беа општествените иновации на Горбачов, „гласност“ (предвидуваше отвореност на системот за информирање на граѓаните), „перестројка“ (реструктуирање и реформа на општеството и економијата) и „ускорение“ (забрзување на економскиот развој).

Неговото владеење беше одбележано и со првите ефективни договори за контрола на нуклеарното оружје. Во 1986-та се случи катастрофата во централата Чернобил, најголем нуклеарен инцидент во историјата.

Во февруари 1988-та, Горбачов објави повлекување на советските сили од соседниот Авганистан каде Советскиот сојуз изврши инвазија во 1979-тата година.

Истата година Горбачов се откажа од тогашната советска доктрина и на државите од Варшавскиот пакт им беше овозможено сами да развиваат сопствена внатрешна и надворешна политика, независна од Кремљ.

На крајот на 80-тите години и почетокот на 90-тите години од минатиот век, ерата на Горбачов заврши, тој доби Нобелова награда за мир, а СССР и источниот блок се распадна.

Многу Руси го обвинуваат за пропаста на земјата. Во 1991-ва загуби на првите посткомунистички избори во Русија, а иако неколкупати се обидуваше не успеа да собере доволно гласови за претседателската функција.

Го наследи Борис Елцин кој владееше до 2000-тата гпдина кога во Кремљ беше промовиран Владимир Путин кој денеска изрази сочувство до семејството на Горбачов.

Болницата каде што почина последниот советски владетел соопшти дека Горбачов боледувал од долга и тешка болест.

Многу западни лидери изразија сочувство за смртта на Горбачов кој помогна во надминувањето на разделебиот биполарен свет пред 3 децении иако Украина денеска ги потсетува сите на нерешените прашања од ерата на Горбачов.