Почина 16-годишна девојка со ковид – МЗ вели дека станува збор за исклучително тежок случај

13

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби (КИБФС) вчера починала 16-годишна девојка позитивна на ковид, од тетовското тело Сиричино.

Пациентката во скопската клиника била префрлена на 23 октомври откако претходно на 21 октомври била хоспитализирана во Клиничката болница во Тетово. Пред хоспитализацијата имала тегоби девет дена и била лекувана во домашни услови.

Повикувајќи се на извештајот од клиниката во Скопје, од Министерството за здравство велат дека станува збор за исклучително тежок случај и дека вчера нагло ѝ се влошила состојбата на девојката што довело до срцево белодробно попуштање.

„Според медицинскиот извештај, од КИБФС станува збор за исклучително тежок случај, кислородно зависна со тешка ковид пневмонија. Во текот на хоспиталниот престој од анализите е потврдена и белодробна тромбемболија. Во текот на лекувањето доаѓа до брзо прогресивно влошување на респираторната функција. Пациентката е мултидисциплинарно лекувана поради развиените компликации. Во текот на вчерашниот ден дојде до драматично влошување на виталните параметри што доведе до срцево белодробно попуштање. Младата пациентка не била вакцинирана“,велат од Министерството за здравство.

Ова е втор смртен случај на млад пациент за една недела. Минатата недела почина 17-годишна девојка од Демир Хисар која имала хронично заболување јувенилен дијабетес тип 1 и не била вакцинирана.