Почина 27-годишната родилка од Куманово , новороденчето е добро

Почина 27-годишната родилка од Куманово позитивна на корона вирусот која пред една и пол недела на скопската Клиника за гинекологија и акушерство предвреме роди машко новороденче.

21

Ден по породувањето, родилката со драстично влошена клиничка слика била префрлена на Инфективната клиника но агресивноста на вирусот се покажала фатална по нејзиниот живот, информираат здравствените власти. Бебето е негативно на КОВИД-19, во добра здравствена состојба и под постојан надзор на интензивниот оддел на клиниката.

Кумановката е третиот регистриран смртен случај денеска откако претходно Министерството за здравство информираше за уште двајца починати пациенти. Едниот е маж од Куманово на возраст од 73 години, другиот е 44-годишник чие безживотно тело било пронајдено во неговиот дом во Кавадарци.

Со ова, вкупната бројка на починати од КОВИД-19 во земјава е 29.

Од направениот 351 тест изминатово деноноќие, уште 18 лица се позитивни на корона. Бројката на заразени се искачи на 617.

Нови 18 случаи на корона вирус:

Скопје – 7

Прилеп – 4

Куманово – 2

Битола – 2

Кавадарци – 1

Крушево -1

Кочани – 1

Најмногу од новозаразените се од Скопје – 7 лица. Во Прилеп се регистрирани 4, во Куманово и Битола 2, а во Кавадарци, Крушево и Кочани по еден новозаболен.

Главниот град останува на врвот на листата со најмногу заразени од КОВИД-19, вкупно 261 лице. Потоа следува Куманово со 130 заразени, Дебар со 49, Прилеп со 38 и 20 заразени во Штип.

Од Инфективната клиника во Скопје по направени два негативни контролни теста пуштени се 5 пациенти, а примени се нови 4, со што на клиниката во моментов се хоспитализирани 66 пациенти. Од нив, 7 се на механичка вентилација.