Почна да функционира модуларната болница до Инфективна

47

Нема место за нови пациенти со ковид 19 на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Хигиеничарки и технички персонал од синоќа ја средуваат модуларната болница која е поврзана со клиниката. Министерот за здравство Венко Филипче очекува првите пациенти таму да се сместат уште денеска, со оглед на динамиката на новозаразени кои бараат болничко сместување.

„Практично цела ноќ правевме координација, консултација со колегите. Се најде доволен број на лекари – специјалисти, интернисти, како од Клиниката за Пулмологија, така и од болницата „8 Септември“, каде не сакаме дополнително да го оптовариме капацитетот за да не запрат со работа другите одделенија. Лекарите – специјалисти, така и медицински сестри од сите овие институции, веќе се на располагање, физички се во модуларната болница. Има сосема доволна количина и на опрема и на потрошни материјали, така да тој капацитет од 72 кревети од денеска натаму е на располагање“-изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Се полнат болниците и во останатите градови. Пациенти од Прилеп се препраќаат за Битола, а од Струмица и Куманово во Скопје. Во „8 Септември“ останува капацитетот од 50 пациенти. Филипче вели дека ситуацијата засега се менаџира, но повторно апелира мерките да се почитуваат. До вторник Владата треба да ги изгласа препораките за задолжително носење на маска на отворено, како и забранта за групирање во домовите. Денеска, апел до граѓаните испрати и премиерот Зоран Заев.

„Почитувани, светот го очекува неизвесна есен, во која ќе се соочиме со многу предизвици. Борбата со пандемијата продолжува и ќе се вжешти. Ова треба да ни биде првата мисија при будење, додека не ја извојуваме и оваа битка со овој невидливиот неприајтел. Но, како и светот, така и ние ќе се справиме само ако сме здружени и ги почитуваме мерките“-рече Зоран Заев – премиер на РСМ.

Државниот пазарен инспекторат само од контролите извршени вчера најавува вкупно 12 кривични пријави за непочитување на здравствените протоколи во угостителски објекти во Скопје, Охрид, Битола и Кичево.