Почнува масовното вакцинирање, термини за 3.000 граѓани

52

Масовното вакцинирање на населението против ковид-19 официјално ќе започне денеска со „Спутник В“. Вакцинирањето ќе се одвива на пунктови во А1 Арената (сала „Борис Трајковски“), а закажани се термини за 3000 граѓани. Во оваа фаза ќе бидат имунизирани граѓани од критична инфраструктура – луѓе што работат, МВР, АРМ, новинари, служби од Град Скопје и сите што имаат контакти – возачи на автобуси, пожарникари, воспитувачки во градинките, вработените на патарините. Според планот, вакцинацијата со 20.000 руски вакцини „Спутник“ што ги донираше Србија, ќе се одвива на 48 пункта. Ќе има тим од 20-ина медицински сестри и пет доктори во две смени, места за 15-20 минути опсервација по завршување на вакцинирањето и обележани делови за Итна медицинска помош ако е потребно.

Министерот Венко Филипче при посетата на А1 Арената изјави дека на почеток во просек околу 4.000 луѓе на ден ќе бидат вакцинирани низ државата, а верува дека за кратко време ќе се исполни и планот да се достигнат 7000 термини дневно, кога системот ќе профункционира во целост. За вакцините на „Астра Зенека“ се чека официјална одлука од Бордот на ЕМА. Засега се аплицира само кај постари граѓани и досега официјално не е пријавен ниту еден несакан ефект, исто како и од другите вакцини што се даваат. Единствен проблематичен случај е со 28-годишната девојка кај која се појавила тромбоза на вена на окото по примањето на „АстраЗенека“.