Почнува собраниската расправа пред изборот на втората влада на Заев

20

Новата влада на СДСМ и ДУИ ќе биде без министри без ресор, а, според досегашните најави, ќе има четворица вицепремиери, односно ќе брои 20 членови, вклучително со премиерот, наместо досегашните 27
Лидерот на СДСМ Зоран Заев се очекува в понеделник, на 31 август, да се врати во премиерскиот кабинет, откако во финалето на десеттата собраниската седница, што почнува денеска во 11 часот, неговата втора влада ќе добие поддршка, веројатно, од 62 пратеници, колку што брои мнозинството со кое стартува десеттиот парламентарен состав.

Спасовски в понеделник ќе му ја врати премиерската палка на Заев, а тој се враќа во МВР

Новата влада ќе биде без министри без ресор, а, според досегашните најави, ќе има четворица вицепремиери, односно ќе брои 20 членови, вклучително со премиерот, наместо досегашните 27.

СДСМ ќе има 11 министри, од кои осум со ресор и тројца вицепремиери кои ќе бидат предложени како министри без ресор со одредена надлежност. ДУИ во владата ќе има шест члена, а Артан Груби ќе биде „прв“ вицепремиер и министер за политички систем. По еден министер – за локална самоуправа и за земојделство имаат колаициските партнери од „Можеме“ – ЛДП (Горан Милевски) и Беса (Аријанит Хоџа).

Првата Влада на СДСМ и на ДУИ, на чело со Заев, беше избрана на 1 јуни 2017 година, односно речиси седум месеци по претходните парламентарни избори во 2016 година. И таа Влада почна со парламентарно мнозинство од 62 члена, кое потоа се прошири, со тоа што СДСМ стартуваше со двајца пратеници помалку од ВМРО-ДПМНЕ. Овој пат ситуацијата е обратна, така што во опозиција засега остануваат 58 пратеници од колаицијата „Обнова“ и коалицијата на од Алијансата на Албанците (8) и Алтернатива (4).