Почнува фестивалот на европски филм „Синедејс“

3

Почнувајќи од вечерва, до 20-ти месецов љубителите на европските филмови ќе имаат можност на различни локации во Скопје под отворено небо да ги гледаат најдобрите филмски проекции, познати и признати од критиката, и тоа во рамки на Фестивалот на европски филм „Синедејс“. Фестивалот годинава одбележува 20 години постоење, и по тој повод содржи неколку новитети во однос на реализацијата на програмата.

Првиот филм што ќе биде прикажан е „Анет“, кој публиката вечерва во 21 часот може да го проследи во Градскиот парк.

Координаторот на фестивалот на европски филм „Синедејс“, Маргарита Арсова во интервју за МИА вели дека подготовките за одржување на фестивалот течеле „мазно“. Очекуваат гости само од регионот, но верува дека ќе постои добра фестивалска атмосфера.

– Успеавме да обезбедиме свежина со добри наслови. Единствено проблем имавме во однос на планирањето на гостувањето на фестивалот, бидејќи луѓето се уште се плашат да патуваат, се уште постои тој страв, многу од нив не се вакцинирани, така што и оваа година за жал ќе имаме гости само од регионот. Но сепак, ќе се потрудиме да имаме добра фестивалска атмосфера – објаснува Арсова.

Фокусот на годинешното издание на „Синедејс“ е водата. Филмовите ќе бидат проектирани на локации каде што има вода, бидејќи, како што нагласува Арсова, тоа е она што најмногу им недостига на скопјаните во летниот период.

– Оваа година решивме да се фокусираме во однос на тоа што најмногу и недостига на публиката во летниот период во Скопје, тоа е море, односно вода. И така, одлучивме филмовите да ги проектираме на локации каде што има вода, каде што има ладовина, тоа е нова свежина, нов новитет во однос на реализацијата на програмата – додава координаторката на фестивалот.

На годинешното издание ќе бидат прикажани Канските филмови. Филмските проекции ќе се прикажуваат на Кале, една проекција на врв на Водно, во соработка со „Прв до врв“, но и неколку проекции по кејот на Вардар. Последните две вечери ќе има платно поставено покрај езерце во Градскиот парк.

Новитет за оваа година меѓудругото е и гостувањето на унгарскиот режисер Бела Тар, кој важи за еден од највлијателните и најреволуционерните европски режисери.

Во рамки на „Синедејс“, в сабота во кино Фросина ќе биде прикажан неговиот филм „Werckmeister Harmonies“, од 2000-та година, а потоа режисерот ќе одржи и мастер клас.

– За нас тоа е „круна“ на нашето работење, бидејќи не е лесно да се стигне до еден таков филмски маг. Бела Тар е сепак еден од највлијателните европски режисери, човек кој што буквално според нашиот критичар Влатко Галевски, има измислено свој филмски јазик – вели Арсова за МИА.

Минатогодишното издание на „Синедејс“ по првпат се одржуваше на отворено, почитувајќи ги безбедносните протоколи.