По Велигден започнува вакцинацијата со „Синофарм“, секој понеделник во мај ќе доаѓаат вакцини од „Фајзер“, најави Филипче

13

Министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека веднаш по завршувањето на продолжениот празничен викенд за Велигден треба да започне имунизацијата со кинеската вакцина на „Синофарм“.

„Она за што се спремаме е целокупната количина од 200 000 дози на вакцината ’Синофарм‘ која треба да стигне околу 28 април, а за што е спремен и планот и дистрибуцијата согласно бројот на пријавени граѓани. Веднаш после пристигнувањето, веројатно тоа ќе се преклопи со велигденските празници, ќе биде дистрибуирана ширум државата и вакцинацијата со оваа вакцина ќе започне во вторник непосредно после завршувањето на велигденските празници“, изјави Филипче.

До тогаш ќе бидат спремни спортските сали во шест градови во внатрешноста кои ќе се користат како пунктови за масовна вакцинација. Како што рече Филипче, салата во Охрид е веќе готова, а наредната недела и тие во Штип, Куманово, Битола, Тетово и Кавадарци ќе бидат спремни и опремени со фрижидери.

По „Синофарм“, во текот на мај секој понеделник треба да пристигаат и вакцини од „Фајзер“.

„Денеска добивме листа од компанијата ’Фајзер‘ со која ни беше презентиран распоредот со кој ќе стигнуваат останатите количини во мај. Секој понеделник ќе пристигнуваат помеѓу 5-7000 или околу 26 000 се предвидени да стигнат во текот на целиот месец“, рече Филипче.

Очекувајќи ги вакцините, министерот апелираше граѓаните да се пријават за имунизација преку сајтот vakcinacija.mk. Тоа досега го направиле околу 150 000 лица.

Зборувајќи за досегашниот процес на имунизација, Филипче рече дека тој се одвива добро и од вакцината на „Астра Зенека“ останати се близу 5 000 дози, а околу 5 000 од оние кои веќе пристигнаа од „Фајзер“ ќе се дистрибуираат низ државата за да се продолжи процесот.

Со „Спутник В“, пак, денеска се вакцинираат пратениците, како и вработените во собраниските служби кои не примија вакцини во првата група, по што од оваа вакцина ќе останат уште само 150-200 дози.

Од 2 000 вакцини на „Синофарм“ кои ги добивме како донација од Обединетите Арапски Емирати, досега се искористени околу половина.