По пауза од повеќе од три децении Милан му даде четири гола на Јувентус

16

Милан направи еден незапамтен пресврт во дуелот против Јувентус и успеа да победи со 4:2 во дербито на „Сан Сиро“. Мечот ќе се памти затоа што сите шест погодоци беа постигнати во второто полувреме, а Јувентус имаше водство од 2:0 на 30 минути до крајот.

Рабио го постигна голот на кариерата кога претрча 60-тина метри и потоа упати прецизен шут и го доведе Јувентус во водство, а само неколку минути подоцна Роналдо погоди за 2:0. Иако делуваше дека Јувентус ќе стигне до победа, Милан не само што не се предаде туку ги одигра можеби најдобрите 30 минути во последно време.

Ибрахимовиќ од пенал намали на 1:2, а потоа следуваа и погодоците на Кеси, Леао и Ребиќ. Во период од 20 минути, Росонерите дадоа четири гола против Јувентус и потсетија на една славна генерација на Милан. Гигантот од „Сан Сиро“ немаше дадено четири гола во дуелите против Јувентус повеќе од 30 години, односно од март 1989 година, кога домаќините победија со 4:0.

Ако уште се памти таа победа од пред 31 година, навивачите на Милан сигурно уште долго ќе го спомнуваат синоќешниот пресврт.