По повеќе од два часа застој на Деве Баир, непречено минуваат возила во двата правци

9

 

Минувањето на граничниот премин помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, Деве Баир се одвива непречено, откако повеќе од два часа беше во застој, поради пад на системот за гранична контрола.

МВР информира дека е отстранет дефектот на системот на сите гранични премини, истиот е оспособен за функција и се пропуштаат возила за влез и излез од земјава.

Од утрово на овој граничен премин има засилени гранични контроли од страна на екипи на Министерството за внатрешни работи поради чествувањето на 151 годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев и најавите од страна на организирани групи бугарски граѓани за присуство на чествувањето во Скопје.

Возилата кои минуваат на граничниот премин подлежат на засилени полициски и гранични контроли, а поради падот на системот околу педесетина автомобили, триесетина товарни возила и неколку автобуси еден и пол час стоеја во колоната што се формираше на граничниот премин Деве Баир за излез од државата.

Дел од возачите кои тргнале поради професионални обврски, реагираа дека долго стојат на преминот од македонската страна на границата, на студеното и снежно време.

-Час и половина сме тука, патуваме кон Софија, поради професионални обврски, велат патниците.

Други, патуваа од Косово кон Бугарија, исто така заради работни обврски, а нестрпливи беа и возачите на автобуси и камиони.

-Веќе еден час чекаме, возам редовна линија Скопје -Софија, во автобусот чекаат и десетина патници, требаше уште во 12 часот да сме на крајната дестинација, изјави еден од возачите на автобус.

Од Бугарија во Северна Македонија влегоа само две возила откако системот профункционира.