По речиси две години, Австралија повторно ги отвора границите за вакцинираните од 21 овој месец

15

Невакцинираните патници, пак, кои имаат медицинска причина да не се имунизираат, сепак, ќе мора да се пријават и да го потврдат медицинското изземање од вакцинација, а доколку не им е одобрено ќе треба да бидат во карантин во хотел
Австралија целосно ќе ги отвори границите за сите вакцинирани лица од 21 февруари, најави премиерот Скот Морисон откако земјата беше затворена за странци речиси две години за да се намали ширењето на коронавирусот.

„Ако сте биле вакцинирани двапати, со нетрпение очекуваме повторно да ви посакаме добре дојде“,рече австралискиот премиер Скот Морисон.

Повторното отворање на границите за сите вакцинирани е планирано за 21 овој месец.

Премиерот Морисон рече дека оние што ќе влезат во Австралија кога границите ќе бидат целосно отворени ќе мора да достават доказ за вакцинација. „Тоа е правило. Од сите се очекува да го почитуваат“, рече тој.

Невакцинираните патници, пак, кои имаат медицинска причина да не се имунизираат, сепак, ќе мора да се пријават и да го потврдат медицинското изземање од вакцинација, а доколку не им е одобрено ќе треба да бидат во карантин во хотел.

Австралија ги имаше едни од најстрогите гранични контроли во светот за време на пандемијата на коронавирусот.

Во март 2020 година австралиската влада ги затвори границите, а на повеќето странци им беше забранет влез во земјата за да се намали ширењето на вирусот. Минатата година дури и на сопствените граѓани им забрани да ја напуштаат земјата.