По четири години домашни лицитирања Македонија праќа амбасадор во САД

0

Денеска пред собраниската Комисија за надворешна политика ќе бидат сослушани новите амбасадори кои се именувани од Владата и треба да заминат во дипломатска мисија во клучните престолнини, меѓу кои и во Вашингтон. Пополнувањето на амбасадорското место во Вашингтон доаѓа по четири години домашно лицитирање околу тоа кој ќе ја извршува оваа значајна дипломатска функција, за кое време Македонија остана без амбасадор кај најважниот стратешки партнер и НАТО сојузник САД.

Новоименуваниот амбасадор во САД Зоран Попов доби агреман пред еден месец, со што беше прекината непријатната спирала на премолчено одбивање на неколку кандидати од страна на американската администрација. Попов доаѓа од местото државен секретар во Министерството за надворешни работи.

Денешната седница на Комисијата за надворешни работи ќе се одржи зад затворени врати бидејќи материјалите што ќе бидат разгледувани имаат доверлив карактер и ќе можат да имаат увид во нив само пратеници со безбедносен сертификат.

Сослушувањето пред собраниската Комисија е финална фаза за амбасадорите, после што тие ги пакуваат куферите и заминуваат на одредените дестинации.

Покрај Попов, своите тези пред собраниската Комисија треба да ги претстави и Агрон Буџаку кој ќе биде амбасадор во Канада. Буџаку е познат за македонската јавност по тоа што во 2004 година неколку месеци беше министер за транспорт и врски, а беше и пратеник. На претседателските избори во 2009 година беше претседателски кандидат од редовите на ДУИ, а во својата кариера има и амбасадорско искуство. По изборите беше назначен за амбасадор на земјава во Франција каде остана до 2015 година, а во 2016 година, пак, стана директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Покрај Попов и Буџаку, пред членовите на Комисијата предвидено е своите тези за дипломатските активности да ги претстават и новите амбасадори на земјава за Норвешка – Дритон Куќи, Белгија – Методија Белевски и Словачка – Евгенија Илиева.

Во наредниот период се очекува да се пополнат уште неколку испразнети амбасадорски места бидејќи како што претходно информираше МНР добиени се агремани за уште тројца амбасадори и во тек се нивните подготовки за преземање на должноста. Барањето до Собранието за закажување седница на Комисијата за надворешни работи за овие тројца амбасадори, како што најави МНР минатата недела, ќе биде пратено во скоро време. Станува збор за амбасадорските места во Франција каде ќе замине актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, како и во Бугарија каде амбасадорка ќе биде актуелната шефица на македонската мисија во ЕУ Агнеса Руси и во Турција каде заминува Јован Манасијевски.

Пополнувањето на амбасадорските места во клучните европски престолнини и во САД доаѓа во време на заострени политики во светот и почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, што е од круцијално значење за позиционирањето на земјава во меѓународните односи.