По 20 евра казна за функционерите на ДУИ, торта имаше, ама тоа не е роденден, изјави Османи

30

Членовите на ДУИ кои се фотографираа без маски на роденденската забава на лидерот на партијата Али Ахмети во новоотвореното седиште на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците добјиа казнени налози за неносење маски. Министерството за внатрешни работи им испратило казнени налози за прекршување на мерката за носење маски во затворен простор на 15 функционери на ДУИ. Во МВР велат дека ќе има и нови казни за непочитување на забраната за јавно групирање на повеќе од 4 лица.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи упорно објаснува деја немало кршење на протоколите.

„Во ниту еден момент немаше кршење на протоколите, немаше ни забава, грешката е што беше пуштена фотографијата без маски. Таа настана во еден миг на изненадување и честитка на вработените“, изјави Османи.

Функциинерите од ДУИ, како што се најавува, би можеле да се соочат и со кривична пријава за непостапување според здравствените прописи во време на епидемија.

Државниот инспекторат за труд денеска ќе го доврши вонредниот надзор и ќе утврди дали е прекршен протоколот за превентивни мерки на сите работни места донесен од Владата каде го гласале и дел од министрите што не го почитувале.

За овој инцидент јавно се извинија министрите Артан Груби и Бујар Османи.

На 4 јануари група функционери од ДУИ го прославуваа роденденот на нивниот лидер Али Ахмети, во новоотвореното седиште на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Вицепремиерот Груби по скандалот изјави дека преземаат целосна одговорност и дека се подготвени да ги сносат последиците.

„Ги повикуваме надлежните институции да изречат мерки што ќе ги испочитуваме како секој граѓанин. Покрај грижата за своето лично и семејно, заедно со јавното здравје, ние сме посветени како избрани претставници да сме пример и да предводиме со дела во сѐ што правиме. Жалам што во оваа инстанца не бевме на висината на оваа наша посветеност“, вели Груби.

Османи вели дека немало ниту роденденска прослава, ниту партизација на државна институција, ниту пак прекршување на протоколите. Сепак, на прославата била споделена и фотографија од славеникот Ахмети со роденденска торта во форма на клуч, на која беше истакнато партиското лого.

„Немаше ниту прослава, ниту партизација, ниту непочитување на протоколите. Имаше момент на промовирање на новиот објект во Министерството каде што еден од вработените го изненади претседателот Ахмети со честитка за неговиот роденден и тоа се искористи тој миг за да се направи слика“, рече Османи.